ОСМАНИ ВО БРИСЕЛ НА СОВЕТОТ НА МИНИСТРИТЕ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ЕУ

17 мај 2022

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, во Брисел, учествуваше на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој беа поканети и министрите за надворешни работи од државите на Западен Балкан.

По одржаната стратешка дискусија за интеграцијата на државите од Западен Балкан меѓу министрите за надворешни работи на државите од ЕУ, на вториот дел од состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ им се приклучија и нивните хомолози од регионот.

Во фокусот на дебатата беше почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, последиците од војната во Украина врз државите од Западен Балкан и други теми од интерес за регионот.

 

Министерот Османи, во своето обраќање, го потенцираше кредибилитетот на нашиот статус како држава кандидат, која посветено работи на својата ЕУ агенда и со своите надворешно-политички позиции е доверлив партнер на Унијата, и уште еднаш побара итно отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија, особено со оглед на влијанието на руската агресија врз Украина.

 „Верувам дека по 20 години продлабочена асоцијација и интеграција, станува се поочигледно дека ЕУ може да се профилира како Унија насочена кон иднината – силна, отпорна, безбедна и просперитетна, само со државите од регионот како нејзини идни членки“, укажа Османи.

 Надоврзувајќи се на итната потреба од ангажман од страна на ЕУ во однос на остварувањето на европската перспектива за државите од Западен Балкан, министерот Османи порача дека државите со отворени горливи прашања на просторот на Западен Балкан ќе бидат дополнително охрабрени на компромиси, доколку ЕУ покаже признание за севкупните досегашни напори во име на европскиот пат на нашата држава. 

 „Европската унија треба да го направи вистинскиот потег во овој момент и да преземе решителни чекори за итно отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, бидејќи целосната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија е од примарен политичко-безбедносен и геостратешки интерес за Унијата и за иднината на европскиот континент“, потенцираше Османи.

На маргини на Советот, Османи оствари средби со генералната секретарка на Европската комисија, Илзе Јухансоне, како и со други високи претставници во Европскиот совет и Комисијата. На средбите стана збор за нашето европско досие, актуелните состојби во регионот, како и влијанието на руската агресија врз Украина.  

 

Брисел, 16 мај 2022